Пикантен хумус од грав (РЕЦЕПТ)

94

Паштетата од грав е одличен начин да го „подметнете“ на некој кој не го обожава како чорба или во тава, здрава е, а е одлична и за мачкање на леб.

Овој рецепт ќе го обожавате и ќе го правите дури и кога не постите.

Потребно ви е:

Сварен грав во вода (три грста)
Две главици црвен кромид
Две чешниња лук
Сол и бибер
Чили во прав
Буковец
Сок од лимон
Масло од семки од тиква

Подготовка:

Гравот можете да го сварите, но можете да користите и конзервиран. Ако употребувате од конзерва, измијте го добро под млаз вода. По желба, можете да користите и црвен грав.

На малку маслиново масло за готвење пропржете го исецканиот кромид, а кога ќе стане стаклест додадете го лукот. Продолжете да динстате за да добиете смеса слична на сос. Во блендер ставете го гравот, смесата од пржен кромид, зачините и почнете да блендирате. Додавајте малку по малку од маслото од семки од тиква во текот на блендирањето, а на крај додадете и сок од лимон.

Ако сметате дека можете да додадете и нешто друго, на пример таан, путер од кикирики, дополнителни зачини или мелени семки, направете го тоа. Оставете ја паштетата преку ноќ за сите вкусови убаво да се спојат.