Бел слез, чудотворна билка што смирува кашлица

35

Белиот слез е еден од главните борци против настинка и грип. Со векови наназад, тој важи за едно од најлековитите растенија на планетата, а тоа ни малку не е чудно затоа што моќниот бел слез ја олеснува кашлицата, ги ублажува симптомите на астма, го зајакнува имунитетот, а се верува дека со негова помош може да се излечат и многу кожни заболувања.

Цвета од јуни до август, а лековити својства имаат коренот, стеблото, листот и цветот. Може да порасне 1-2 метри, стеблото може да биде разгрането, обраснато со густи свиленкасти влакненца, а додека листовите се меки со сребрено-розикава боја. Цветовите се собираат додека цвета, листовите по цветањето, а коренот на пролет или на есен по цветањето.

Коренот се мие, се лупи надворешниот слој, се сече по должина и нагло се суши на тепмература од 40 степени. Кога ќе биде сув, се сече на ситни коцки. Од целото растение, коренот е најлековитиот дел.

Активни компоненти
Растението содржи слуз, скроб, пектин, танин, минерални соли, ензими, растителни влакна, растителни масти, етерични масла, инвертен шеќер, сахароза, скроб, јаглехидрати и фосфати.

Лековити својства
Белиот слез е извонредно средство кое помага во лекување болести на дишните органи. Бидејќи ја раствора слузта и ја обложува слузокожата, го поттикнува искашлувањето и се употребува при настинки, бронхитис, астма, воспаление на белите дробови и на грлото. Се употребува и при проблеми со мочниот меур, бубрезите, при воспаление на дебелото црево, дијареа, цревни болести и сл. Во комбинација со мед, од коренот на бел слез се прави смеса за облоги кои помагаат за акни, гнојни чирови, изгореници, воспаление на очите, апсцеси и сл.

Белиот слез помага и при грчеви во желудникот, опстипација и при инфекции на половите органи.

Свежите здробени листови помагаат при убод од инсекти.

Белиот слез, исто така, може да го употребуваат и пушачите, за намалување на сувата кашлица.

Најчесто од белиот слез се прави чај од бел слез и сируп од бел слез.

Чајот од бел слез се подготвува на следниот начин:

Две лажички корен од бел слез се преливаат со 2,5 дл млака или ладна вода и се остава да отстои 2 часа, за да може да се екстрахира доволно слуз. По желба, чајот може да се заслади со малку мед и се пие трипати на ден.

Многу често белиот слез се комбинира и со други лековити растенија (нане, камилица и сл.).

Со чајот од коренот од бел слез може да се прочистува и нос, најчесто се употребува при затнат нос, со капалка се капнуваат  1-3 капки трипати на ден. Коренот од бел слез никако не се потопува во врела вода!