Како да го совладате бесот?

87

Доколку имате напорен и стресен ден, тогаш дури и најмала ситница може да го разбуди “ѕверот“ во вас. За да не се доведувате во таква ситуација и да не дозволите работите да излезат од контрола, ви препорачуваме неколку корисни совети, со коишто ќе си зачувате нервите и здравјето:

Земете длабоко воздух – во моментот кога бесот и лутината доаѓаат до точка на “вриење“, сконцентрирајте се на своето дишење. Обидете се да го смирите, вдишете длабоко и полека испуштајте го воздухот. Овие вежби може да ги практикувате и во ситуации кога не сте лути. Седнете, опуштете се и дишете.

Имајте своја утешна фраза – смислете си некоја реченица којашто може да ве инспирира, да ве смири и да ви даде енергија. Повторувајте во себе: “смири се“, “не е тоа толку вредно“, “сè ќе биде во ред“… тоа може да си го повторувате или во себе или на глас.

Избројте до 10 – ова не е само излитена фраза, туку можност појасно да ги согледате работите, бидејќи во налет на бес често пати се случува да имаме изместена перцепција за работите.

Направете некоја промена – промените понекогаш можат да ни го привлечат вниманието и да го промениме фокусот. Тоа значи дека ќе почнете нештата да ги согледувате малку поинаку и да се концентрирате на нови работи што ќе ве одвлечат од изворот на стрес.

Побарајте помош – доколку подолго време се борите со стресот, ако бесот и нервозата ве прават да се чувствувате непријатно и ако пробувате различни начини, но без успех. Во таква ситуација не е ниту срамно, ниту лошо да си побарате соодветна стручна помош. Само така мудро ќе го надиграте бесот, ќе се ослободите од лошите мисли и ќе се грижите за сопственото здравје.