Домашен сок од аронија

9

Плодовите на црната аронија се исклучително богати со витамини. Таа содржи витамин Ц, А, Е, Б2, Б6, Б9 … Од минералите содржи калциум, калиум, железо, молибден, манган, фосфор и јод. Во сите плодови содржи голема концентрација на антиоксиданси (танини, биофеноли, флавоноиди, антоцијанини, катехини) и се смета дека е поголем антиоксиданс од брусницата. Затоа е корисна во превенцијата против малигните заболувања, ефикасно го прочистува организмот од штетни матерјали па и тешките метали. Освен ова аронијата содржи и редок овошен шеќер сорбитол.

Здравствениот бенефит од користење на аронијата е огромен.Од лековитите својства што и ги препишуваат најмогу се користи за прочистување на крвта, ја подобрува циркулацијата, ги спречува болестите на срцето, ја ублажува мигрената и главоболката, го регулира крвниот притисок и холестеролот, поволно делува на цревата и желудникот, ги намалува воспалителните процеси, ја регулира работата на тироидната жлезда, го спречува развојот на вирусните и бактериските инфекции, го регулира шеќерот во крвта, го успорува развојот на атеросклерозата, штити од деменција и Алцхајмерова болест, лечи уринарни инфекции, овозможува правилна работа на жолчката и црниот дроб покрај тоа што ги прочистува.

Потребни состојки:

1 кг бобинки аронија
500 мл вода
400 г интегрален шеќер
½ лимон – сок

Начин на подготовка:

Во подлабоко тенџере  додадете шеќер и вода, па ставете на оган додека да зоврие со повремено мешање. Кога водата ќе зоврие додадете ја аронијата.

Постојано мешајте и бобинките гмечете ги со решеткастата лажица за пире, за да се исцеди што повеќе сок од нив. Кога ќе достигне точка на вриење исклучете го огнот, оставете една минута, па тргнете го садот на страна и оставете да излади.

Процедете ја смесата низ газа, па добиениот сок вратете го повторно на оган да зоврие уште еднаш. Откако ќе проврие додадете сок од половина лимон, промешајте и складирајте во шишиња претходно загреани во рерна на 90 степени – стерилизирани. Значи врел сок во врели шишиња, па затоа внимавајте да не се изгорите.

Сокот затворете со оригинален чеп и оставете целосно да излади прекриен со ќебе или некој подебел чаршав. Чувајте на темно и ладно место, па консумирајте по потреба. Доколку сакате може да го разредувате со малку вода.

Сокот од аронија е најздраво да се пие на гладно, наутро по една мала чаша или пред секој од главните оброци.