Што кожата открива за вашето здравје

5

Изгледот на кожата и промените кои таа ги доживува можат да бидат индикатор за состојбата на вашето здравје. Еве на што треба да внимавате.

Жолтеникава кожа, портокалова боја на дланките и стапалата

– Пожолтувањето на кожата е резултат на каротенемија, која може да биде непријатен симптом на недоволно активна тироидна жлезда – хипотироидизам – кој предизвикува зголемено ниво на бета-каротен во крвта. Бета-каротенот е антиоксидант, кој се наоѓа во овошјето и зеленчукот. Кога постојат проблеми со тироидеата, жлездата не ги метаболизира витамините брзо, така што бета-каротенот се натрупува во организмот. Ова може да се случи и при преголем внес на моркови, компири и други зеленчуци и овошја кои се богати со бета-каротен.

Долги темни линии на дланката

– Потемнувањето на линиите кои нормално ги има на раката може да биде резултат на адренална инсуфициенција. Тоа е познато и како Адисонова болест.

Голема, темно сина вена на нозете

– Големите сини вени на нозете може да бидат знак за венска болест, наречена варикозни вени, кои може да предизвикуваат болка, грчеви, како и естетски проблеми. Варикозните вени се резултат на неправилно функционирање на валвулите кои не и дозволуваат на крвта да се враќа на назад.

Кафеави точки на потколеницата

– Предниот дел на потколеницата секогаш е изложен на удари и траума. За некој кој има дијабетес, оштетувањето на капиларите и малите крвни садови, доведува до локално излевање на крвта, што доведува до кафеава дисколорација, позната како дијабетична дермопатија.

Постојано чувство на чешање

– Овде може да се работи за Дерматитис херпетиформис – насобрани мали промени, во вид на плускавци, кои силно чешаат, а се јавуваат во близина на лактите, колената, задникот, грбот, лицето или скалпот. Оваа состојба може да се поврзе со постоење на целијачна болест, односно интолеранција кон глутен. Секој четврти човек со целијачна болест има дерматитис херпетиформис.

Виолетови дамки

– Она што личи на модринка, често пати е погрешно протолкувано. Оваа промени на кожата е подолготрајна од обичната модринка, и е наречена Пурпура, односно истекување на крвта под кожата. Резултат е на повеќе причини, како што е на пример скорбут (дефицит на витамин Ц).

Бледило, особено придружено со сино обоени нокти

– Ова може да биде резултат на тешка анемија, која е намалување на бројот на еритроцитите, што го дава карактеристичниот блед изглед. Таа може да се појави поради дефицит на железо, хронична загуба на крв од дебелото црево, или улкусна болест.