Стресот од канцеларија не го внесувајте дома

17

Кога зборуваме за ослободување од стресот, многу е важно работниот ден да не го “носите дома”. Сè што се случило во канцеларијата, таму нека остане. Само така ќе можете слободно да уживате во домашната атмосфера.

Ова се некои од најчестите проблеми со кои се сретнуваат луѓето и еве совет како истите да се решат.

Проблем број 1: Постојано се преиспитувате дали сте ја донеле вистинската одлука на работното место и дали сте кажале нешто што не треба.

Решение: Пробајте едноставен трик, кога ќе дојдете дома, веднаш измијте ги рацете. Според психолозите од универзитетот во Мичиген, миењето раце со сапун и вода помага да престанете да ги анализирате своите одлуки. Чистото асоцира на нов почеток и нова јасна мисла.

Проблем број 2: Три часот наутро, а вас ве фаќа паника дека нема да стигнете да ја завршите утрешната работа.

Решение: Роберт Ц. Позен, автор на книгата Extreme Productivity: Boost Your Results, Reduce Your Hours, предлага на крајот на работниот ден да составите листа на која ќе напишете како ќе ги решите работните задачи за идната недела. Листата ќе ви го одвлече фокусот на вниманието, а добрата организација ќе ви заштеди и нерви и време.

Проблем број 3: Кога постојано во текот на денот го проверувате својот мејл. Истражувањата покажуваат дека оваа зависност води до забрзано работење на срцето.

Решение: Штом ја напуштите канцеларијата одлогирајте се од службениот мејл на телефонот. Одредете го времето за проверување на мејлови (на пример последниот пат нека биде 15 мин. пред истекот на работното време), а доколку стигне некој итен мејл, замолете некој од колегите да ве извести.

Проблем број 4: Кога после работа ќе излезете со колегите да се опуштите и малку да се “испразните”, но сето тоа се претвора во едно општо жалење и при тоа не се чувствувате ни најмалку релаксирано.

Решение: “Престанете постојано да се жалите и “празните” на останатите. Кога зборувате за проблемите надолго и нашироко никогаш нема да се ослободите од нив, ќе се чувствувате само полошо и уште повеќе ќе се жалите”, вели Аманда Роуз, професор по психологија на универзитетот во Мисури.

Наместо да одите на пијачка после работа, направете си дома чај од ментол. Според бројни истражувања, неговата арома ја намалува напнатоста и опушта.