Неколку идеи за вегански појадок

246

Дури и ако не сте веган, важно е денот да го започнете со здрав појадок којшто ќе ви ја даде енергијата за денот што следи. Овие идеи за вегански појадок можат да бидат од голема корист за оние кои сега почнуваат да воведуваат таков вид на исхрана, а други  може да ги користат ако сакаат да ја намалат телесната тежина.

Протеински леб со мармалад или путер од кикиритки

На кришка леб може да си намачкате мармалад или да направите комбинација од путер од кикиритки и парчиња банана и одозгора да ставите неколку чиа семе. Ако сакате солена верзија, тогаш може да си направите намаз од авокадо или хумус и да го премачкате лепчето и на врвот да ставите шери домат. За оваа варијанта на леб најдобро е да користите леб со житарки или протеински леб.

Чиа пудинг

За да може да појадувате ваков пудинг, ќе треба да го подготвите навечер. Потребно е чиа семето да го прелиете со вода или млеко од растително потекло (ориз, бадем, соја…) и да додадете цимет, овошје, какао во прав.

Енергетски бомбици

За нивна подготовка не ви треба многу време. Кога ќе бидете слободни, во текот на денот може да одвоите 10 минути за да ги направите и потоа само да ги ставите во фрижидерот за да бидат спремни за следното утро. За да ги подготвите потребно ви е: 125 грама ореви, 50 грама овесни снегулки, 260 грама урми (потопени во вода и без семки), 2 лажици рогач, малку сол, кокос и чиа семе. Подготовката бара само еден блендер во којшто ќе ги ставите сите состојки и убаво ќе ги измешате. Со рака обликувајте ги бомбиците, коишто може да ги извалкате во кокос, рогач во прав или чиа семе.

На здравје.