Веганска компанија дава 56.000 евра за тримесечен пост

12

Веганска компанија му нуди на “најголемиот месојадец во Велика Британија“ можност да заработи 50.000 фунти (околу 56.140 евра), доколку стане веган на три месеци.

Компанијата Vibrant Vegan неодамна објави дека бара “вегански љубопитен координатор“, т.е. “тврдокорен месојадец“ кој е подготвен да живее без месо три месеци.

Избраното лице ќе мора да потпише договор со кој ќе вети дека нема да консумира храна од животинско потекло и тие три месеци да ги охрабрува другите преку социјалните мрежи да пробаат веганизам.

Доколку се држи до договорот, тој или таа ќе заработи 50 илјади фунти.

Идејата е инспирирана од истражување спроведено на 15.000 месојадци, во кое 34 % од испитаниците признале дека се “љубопитни околу веганството“. Победникот на конкурсот ќе биде прогласен на 25 јануари, а предизвикот за него / неа, почнува на први февруари.

Доколку успее да го издржи тримесечниот пост, кандидатот ќе добие понуда да остане веган цела година. Vibrant Vegan во тој случај ќе му обезбеди вегански оброци во вредност од 100.000 фунти, под услов да води секојдневен дневник за своите оброци на социјалните мрежи.